Според историските извори Фурка постои многу одамна, најмалку 1000 години, во кои секогаш ја делело судбината со цела Македонија. Во литературата најрано се спомнува како дел од Самуиловото Царство. Имено, според д-р Стјепан Антолјак Фурка било местото каде, откако биле заробени на Беласица, биле доведени Самуиловите војници и биле ослепени. Оваа теорија се поткрепува со претпоставката дека името на селото потекнува од грќкиот збор „фурка“ - губилиште. Сепак, ова тврдење се смета за неточно.
Многу повеќе се знае за селото за време на турската окупација на земјата. Тука треба да се напомене дека порано Фурка се наоѓала на 2,5 км северно од денешната. Тоа била населба од збиен тип, со неколку анови и фамилии, сместена на патот Скопје - Солун и на патот кој ги поврзувал Албанија и Цариград. Ваквата местоположба подразбира дека поминувале многу луѓе кои отседнувале во фурските анови. Меѓу нив и австрискиот конзул Хан, кој во своето дело „Патување по текот на Дрина и Вардар“, ќе напомене дека „селото Фурка Ан е многу прочуено место на јужниот крај од една клисура, на половина час од Валандово“.

Во Османлиската административна поделба селото било дел од Ќустендилскиот санџак, Бојмиска нахија, Дојранска каза, а на феудалниот господар Јусуф - спахија му носела годишен приход од околу 3000 акчиња.
Во овој период, односно во 1530 година Фурка за прв пат се спомнува како дервенџиско село. Тоа значи дека луѓето освен со полјоделство и сточарство се занимавале и со дервенџиство, односно ја презеле одговорноста да го чуваат патот Дојран - Валандово, кој миинува низ Дервенската Клисура на чиј јужен крај се простирала старата населба Фурка, од разбојниците карактеристични за анархијата во Турската Империја. На стража секој ден одел по еден маж од секоја фамилија. Оттаму и тврдењето на некои историчаро дека во одреден период на името Фурка бил придодаден и називот Дервен.
Понатаму, во 1573 година Фурка се спомнува како голема населба од 100 домаќинства и 50 неженети. Не е познато како за толку краток период од само 43 години (1530 - 1573) толку многу се зголемил бројот на жители во селото. Во истиот, селаните на спахиите Али и Мурат им плаќале 8667 акчиња. Фурка се спомнува и во пописот од 1700 година, повторно како дел од Бојмиската нахија, со годишен приход за спахиите од 4660 акчиња.
Во XVIII век дервенџиите веќе не можеле да ја спречат големата наезда на турски разбојници (башибозук). Тоа ги натерало селаните на најрадикалниот чекор - исселување од селото. Според легендата, тројца калуѓери патувајќи од Штип за Солун застанале да премоќат во ановите. Но, биле фатени од разбојници и биле убиени над селото на местото Колникот. Селаните, исплашени, почнале да се исселуваат на висорамнината над селото акде им биле трлата. Од стара Фурка денес нема речиси никави остатоци, освен двете селски чешми Дервенска и Дилирова. Сега тоа место се нарекува Аниште, се рабира, поради тоа што стара Фурка била позната по ановите.

Била основана нова населба, со истото име. Луѓето брзо почнале да создаваат услови за нормален живот. Продолжиле да се занимаваат со полјоделство и сточарство. Во овој период била изградена и црква на заштитникот на Фурка, Свети Илија, во 1878 година. Оттогаш Илинден се слави како празник на селото.
Извор: Печат на едно време - Никола Стојанов